Читателите и љубители на пишаниот збор од Крива Паланка на располагање имаат нови осумдесетина наслови лектири и белетристика во библиотеката „Кочо Рацин" што работи во рамки на Национална установа Центар за култура Крива Паланка. - Богатството на мајчиниот јазик низ пишан збор на дланка на сите паланчани е достапно во новонабавените книжевни изданија што беа набавени деновиве. Опфатени се во најголем процент македонски автори,од Томе Арсовски,Рајко Жинзифов, Ташко Георгиевски, преку Горан Стефановски, до Раде Силјан и Венко Андоновски, со многу лектири и белетристика. Набавката беше извршена по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, а не се изоставени и популарните наслови од светската книжевност кои се надеваме ќе предизвикаат интерес за читање кај младите и ќе поттикнат нова читачка публика во библиотеката, изјави директорот на НУЦК, Дарко Стоилковски. Тој информира дека ова е прва набавка на книги во библиотеката за 2023 година, а истите се набавени од издавачката куќа „Матица Македонска". - До крајот на март НУЦК Крива Паланка планира промоција на книга на членови од литературниот клуб „Калин" во рамки на установата, одбележување на светскиот ден на поезијата со поетско читање од младите литерати- подмладок на клубот на поети и читатели,во соработка со основните и средното општинско училиште од градот и нивните ментори- професорки по македонски јазик и литература, како и учество на членови на „Калин" на поетски манифестации во државата, додава Стоилковски. Денеска установата ја посети авторката Љиљана Тричковиќ од Куманово, подари дел од нејзиното творештво во книжниот фонд на библиотеката, а најави и промоција на нејзините книги во текот на месец април.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/03/2023 10:22