Во издание на „Студентски сервис“ од Скопје деновиве од печат излезе книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ на проф. д-р Милан Јазбец, амбасадор на Словенија во Македонија во периодот од 2016 до 2020 година, универзитетски професор по дипломатија, писател, поет и некогашен истакнат словенечки новинар, автор на седумдесетина книги од областа на дипломатијата и литературата и на повеќе од 140 научни трудови.
Основна цел на книгата, која е плод на повеќе од две години континуирана истражувачка и творечка работа на проф. д-р Милан Јазбец, е да се претстават личноста и делото на, како што и самиот наслов на книгата говори, бардот на македонскиот журнализам Свето Стаменов кој, како што истакнува проф. д-р Јазбец во својата воведна студија „Свето Стаменов: журнализмот како вокација, определба и живот“, во која ги разоткрива феноменот Свето Стаменов, начинот и елементите на неговото професионално созревање и творештво, со своите повеќе од 3.000 интервјуа со државници, политичари, дипломати, универзитетски професори и личности од политичкиот, стопанскиот, јавниот и културниот живот во земјава и во странство ја „разви категоријата интервју до тешко достапни височини“.
На 620 страници Б-5 формат проф. д-р Милан Јазбец „распостила“ 130 текстови – мислења, осврти, статии и рецензии на книги на македонски, српски, хрватски, словенечки, албански, турски, англиски и француски јазик, преку кои хронолошки квантитативно и квалитативно се следи творечкиот пат на Свето Стаменов во изминатите три децении, односно од неговите 13 сараевски воени денови во април 1992 година па сè до крајот на 2021 година, кога беше заклучена редакцијата на книгата, виден преку очите на шеесетина македонски и странски негови колеги – новинари, универзитетски професори, дипломати, политичари, писатели...
Книгата „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ е и своевиден хроничар на македонските лавиринти низ кои поминаа македонското општество и држава во изминатите три децении и на сликовит и објективен начин го отсликува долгиот, трновит и неизвесен пат кој го изодија македонските граѓани и нивната држава во напорите за остварување на своите стратегиски, долгорочни и национални интереси, како што се прогласувањето на независноста и ризиците од тој процес, зачленувањето во ООН, членството во НАТО, Европската Унија и членството во сите други меѓународни организации и асоцијации и како таква таа е значаен прилог кон современата македонска историја.
Свето Стаменов и проф. д-р Милан Јазбец во 2021 година ја објавија книгата „Скопски разговори“ – збирка на 20 радио – интервјуа реализирани за време на македонскиот амбасадорски мандат на проф. д-р Јазбец во периодот од 2016 до 2020 година.