Млади балерини од интернационалното училиште за балет „Булфрогс балет“ (Bullfrogs Ballet) освоија трето место на Европското балетско гран-при кое се одржа во Виена.
-Под менторство на уметничката директорка на училиштето, Александа Никифоровски, ученичките Елена Василевска и Виола Имери (12 и 13 години) настапија со дуетот „Пицикато“ и освоија трети лауреат во категоријата класичен балет - teens professional. Василевска и Имери се повеќегодишни ученички во „Булфрогс балет“ и вежбаат со педагозите Александра Никифоровски и Ева Џингова, соопшти училиштето „Булфрогс балет“.
На Европското балетско гран-при учествуваа и ученичките Бистра Младеновска (18 г.), Идил Су Арслан (15 г.), Марија Даниловска (16 г.) и Софија Христовска (11 г.) кои танцуваа во професионалните категории и беа високо бодувани од страна на шестчлената жири-комисија, составена од врвни професионалци во балетската уметност.
Европското балетско гран-при е реномиран меѓународен балетски натпревар кој се одржува секоја година во Виена, на кој учествуваат млади балетски уметници од целиот свет. Натпреварувачите се поделени во две категории – професионалци и рекреативци, како и според возраста.
-Нашите ученички се соочија со сериозна конкуренција и за мене беше особено важно што тоа им постави нови стандарди за нивниот личен развој. Особено сум среќна што оваа година постигнавме значително подобри резултати во сите категории во кои настапивме, што сведочи за посветената работа на тимот педагози и младите балерини, изјави Никифоровски, уметничка директорка на училиштето.
„Булфрогс балет“ е интернационално училиште за балет основано во 2009 година и веќе 13 години успешно спроведува балетско образование за деца и млади од предучилишна возраст, основно и средно образование.
Низ годините „Булфрогс балет“ има продуцирано девет балети и над 25 одиграни претстави, еден документарен филм, пет претстави, 16 летни балетски школи, како и повеќе од 20 работилници, мастер класови и едукативни предавања.