Од печат излезе првата збирка поезија на Блаже Петревски со наслов „Врвот Дно“ во издание на Академска мисла – Скопје. Песните се распоредени во три циклуси („Од врвот на дното“), („Легии на свеста со штитови од мисли“), („Испарувања“).

За дебитантското поетско остварување на Петревски, современиот македонски писател Стефан Марковски пишува дека тој „значењата на зборовите не ги сведува на едноставни игри, ами на бури од стилски фигури, идентификувајќи го читателот на овие стихови како доживувач на доживеаното, изнесувајќи го и послужувајќи го сопствениот свет како епохѐ кое изискува изнурнување во поетовиот креативен ум наместо гледање низ каква било вообичаена поетско-толкувачка призма.“

Ууниверзитетскиот професор Владимир Мартиновски, пак, забележува дека е „вистинска реткост поетскиот првенец да биде толку зрело конципиран, толку поетски конзистентен и толку поетички, стилски и мотивско-тематски доследен како што е тоа случајот со поетскиот ракопис на Петревски“.

Блаже Петревски е роден 1987 година во Охрид. Основно и средно образование завршил во родниот град. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2023 09:25