Во КСП Центар Јадро вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Архитектонско и урбанистичко решение за нов студентски кампус“ на Архитектонското (интегративно) студио 9 при Архитектонски факултет - Скопје.
Изложбата за решение за нов студентски кампус на локацијата кеј на Вардар (Судска палата), која ќе биде отворена до 10 март, е на тимот архитекти Михајло Зиноски - раководител, Игор Котларовски, Александра Марсениќ Крајчески, Наташа Тодоровска Пренк, Оливера Ќоќоровска Митиќ и Јана Брсакоска.
- Во процесот на транзицијата, по осамостојувањето на Р. Македонија, голем број делови и урбани единици во градот Скопје останаа плански и просторно недефинирани. Една од тие урбани целини е т.н. блок на „Судската палата 1“, во кој се наоѓаат најзначајните јавни објекти од национален и општествен стандард во Градот Скопје. Преку програмско и просторно истражување во предметната област, проектната задача претпоставува „иден модел“ на студентско домување и учење како дел од кампусот на УКИМ, а воедно и просторно дооформување на урбаниот блок „Судска палата 1“, соопшти КСП Центар Јадро во најавата за изложбата.
Студентите ги анализирале постојните студентски капацитети во Скопје на програмско и типоморфолошко ниво, а целта на анализата е преку препознавање на генеричките обрасци на постојните објекти, да се воспостави метод на трансфигурација, трансформација и транскрипција во нови типолошки конфигурации.
- Предложените архитектонски решенија во студиото истакнаа неколку аспекти за важноста на локацијата: присуството на јавна општествена институција во централното подрачје на градот Скопје, студентите како идна интелектуална елита на државата се корисници на објектот и високиот стандард на времено домување во објектот изразен преку содржините кои тие ги акомодираат, наведува организаторот на изложбата.