Новинарот Мојсо Мојсовски ја промовираше третата книга „Бадникарски скопски приказни" по објавените две книги на оваа тема во 2003 и 2013 година.
-Со оваа книга Мојсовски се етаблира меѓу хроничарите на нашиот град Скопје. „Бадникарски скопски приказни“ не се само приказни за Скопје, ниту се само приказни за Бадник. Ниту, пак, се само приказни. Ова четиво е енциклопедија на еден град, Библија за едно време, Бела книга за оваа генерација скопјани и учебник по историја за идните поколенија, велат организаторите на промоцијата.
Во соопштението наведуваат дека Мојсовски е потомок на првите македонски учители, син на Ѓорѓија Мојсовски од Учителската школа во Скопје.
-Како непишан аманет од човекот кој ги описменувал првите генерации по Втората светска војна, останало неговиот наследник да остави запис како сведоштво на едно време... Ако ви треба ударна доза носталгија, тогаш со „Бадникарски скопски приказни“ сте го погодиле лекот, се вели во соопштението.