Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на отворањето на изложбата на трудови на студенти од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Културно-социјалниот простор – „Центар Јадро“ истакна дека таа е резултат на добрата соработка на Центар со факултетот. Изложбата, на која се претставени трудови на студенти за нов студентски кампус, е во рамки на предметот Архитектонско студио 9.3.
-Станува збор за долгогодишна соработка помеѓу нашите две институции, официјализирана во 2019 година со потпишување на Меморандум кој им овозможува на студентите од факултетот, заедно со општинските стручни служби, да реализираат практично-теоретска настава и вежби за објекти на територија на Општина Центар. На изложбата има навистина импресивни макети за нов студентски кампус. Сигурен сум дека нашите студенти ќе прераснат во успешни архитекти и им посакувам многу успеси, рече Герасимовски вчеравечер на отворањето на изложбата.
Насловот на темата на изложбата е „Архитектонско и урбанистичко решение на нов студентски кампус“, која е илустрирана преку 15 макети и паноа со графички прикази на кои работеа 33 студенти од деветтиот семестар.
Како што информира Општина Центар, пред многубројната публика, студентите ги презентираа своите концепти, визии и идеи за изложените архитектонско-урбанистички решенија.
Локација за новиот студентски кампус се наоѓа на територија на Општина Центар во урбанистичкиот план познат како Судска палата 1, покрај кејот на Вардар, во непосредна близина на повеќе значајни јавни објекти и институции од национален интерес.
Проектите се плод на детална анализа, пред се, на капацитетот, содржините и типоморфологија на постојните пет студентски домови во градот Скопје.
-По извршените анализи, се увиде дека во главниот град нема доволно капацитет за студентско сместување и, според студентските податоци, се појави потребата од предвидување нов студентски кампус, за што тие сметаа дека зададената локација е најадекватна за таа намена. Во целиот процес на семестралната задача активно беа вклучени и архитекти, вработени во Општина Центар, кои своето знаење и искуство го пренесоа преку практично-теоретска настава и вежби. Општина Центар преку слични проекти и работилници и во иднина ќе ја продолжи започнатата пракса од 2019 година, на студентите да им овозможува надградба на нивното знаење и активно учество во практичното совладување на предизвиците, информира Општината.
Изложбата во КСП „Центар –Јадро“ ќе може да се посети до 11 март 2023 година.