По повод словенечкиот културен празник, Прешернов ден, во галеријата НЛБ – Скопје беше отворена изложбата „Словенија во енциклопедијата Википедија“. Изложбата е во организација на Словенечкиот центар – Скопје и Shared knowledge / Споделено знаење, во соработка со НЛБ банка – Скопје и со поддршка на Бирото на Владата на Словенија за Словенците во соседството и по светот.

На изложбата, која ќе биде отворена до 10 март, се претставени 33 фотографии поврзани со Словенија. Интересно е тоа што изложбата ги применува новите дигитални технологии и има интерактивен карактер. Со скенирање на QR кодот, кој е поставен под секоја фотографија, посетителите се поврзуваат со страницата на Википедија на македонски јазик, каде што ќе можат да добијат поопширни информации за она што е на фотографијата. Така, ќе може да се дознае нешто повеќе за Примож Трубар, Франце Прешерн и Иван Цанкар, народните носии, изработката на идријската чипка и насликаните пчелни сандаци кои претсавуваат уникатни, специфични и значајни обележја на словенечкото културно наследство.

На дел од живописните фотографии се прикажани убавините на Словенија, како прекрасното Бледско езеро, Бохињското езеро, Триглав, Постојнска и Шкоцијанска јама, ендемската човекова рипка, која живее во Постојнската јама, градовите Птуј, Љубљана, Шкофја Лока, Цеље, Марибор, Копер, Крањ ...

Она што не поврзува со Словенија, како што се наведува во соопштението од Словенечки центар - Скопје, се и побратимените градови: Нова Горица, која е побратимена со Гевгелија, Цеље и Велес, Пиран и Охрид, Черномељ и Неготино, Крањ збратимен со Битола и Кочани, Љубљана и Скопје.

-Големите сесловенски учители, Светите браќа Кирил и Методиј, кои ја проповедале верата на јазик разбирлив за населението, се закрилници, патрони, на Надшкофијата Љубљана и Надшкофијата Марибор, а Св. Методиј е главен патрон на Шкофијата Мурска Собота. Св. Кирил и Методиј значајно влијаеле за ширење на христијанството во словенските држави и заслужни се за културниот развој на сите словенски народи. Во Словенија има неколку цркви, прикажани на фотографиите, кои го носат името на Светите браќа, како и познатиот плоштад Св. Кирил и Методиј, во центарот на Љубљана, се наведува во соопштението од Словенечки центар - Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2023 03:30