Во текот на оваа година археолошкото одделение на Народниот музеј во Велес со финансиска поддршка од Министерството за култура ќе реализира четири проекти.
Станува збор за поставување на нова музејска поставка во приземјето на музејот со репрезентативни и археолошки предмети откриени при последните ископувања во велешко, потоа археолошко истржување на локалитетот Кале/Градиште кај селото Згрополци, конзерваторски истражувања и изработка на конзерваторски проект на предмети од керамика од античката збирка на музејот и конзервација на монети од нумезматичката збирка на музејот.
-Оваа година планирано е да се постави нова музејска поставка во која ќе бидат вклучени предмети кои се одликуваат со својата репрезентативност, но и предмети што се откриени при последните истражувања на археолошките локалитети од Велес и околината коишто хронолошки го опфаќаат периодот од праисторијата до Средниот век, појаснува д-р Анита Василкова Мидоска, археолог, кустос советник во Народниот музеј во Велес.
За вториот проект кој опфаќа археолошко истражување на локалитетот Кале/Градиште, Василкова-Мидоска појаснува дека ќе се доистражи просторот на некрополата со цел да се открие сакралниот и секуларниот аспект од животот на населбата. Ова истражување претставува продолжување на истражувањата од 2019 година.
- Од аспект на сакралниот дел, со овие истражувања би се детерминирала ситуацијата на терен од аспект на религиозниот живот, од аспект на хронолошката рамка на користење на просторот на некрополата и од аспект на дефинирање на границите на распростирање. Од друга страна, во сферата на секуларниот сегмент, би се открил релативно мал дел од секојдневниот живот на античкиот човек кој во одредена мера го расветлува доменот на секојдневието.Со реализацијата на овој проект покрај сознанијата за недвижното културно наследство ќе се овозможи збогатување на фондот на движни археолошки предмети на античката збирка на Музејот. Овие предмети говорат за едно интензивно и богато живеење на населението на античка Gurbita. Пронајдените предмети говорат за интензивна комуникација на оваа населба со големите центри на античкиот свет односно импорти посведочени и на просторот на Солун, Дион и Пела. Од аспект на гробните форми оваа некропола содржи неколку типови на гробови кои рефлектираат релации со неколку локалитети од просторот на денешна северна Грција, појаснува Василкова Мидоска.
Третиот проект содржи предмети од (Теќе – с. Отовица, Градиште/Циглана – Неготино, непознати локалитети) и претставува продолжение или надополнување на активностите поврзани со ревизијата, документацијата и евиденцијата на античката збирка на Музејот. Во претходниот период од страна на археолошкото одделение континуирано се вршат конзерваторски активности на предмети што се дел од конзерваторските проекти изработени од страна на Музејот за периодот 2017-2022 година.
-Во 2022 година се вршеа интензивни евиденции на музејскиот материјал од античкиот период. Овие евиденции претставуваат и појдовна точка за изработка на ревизиони списоци и она што е најважно изработка на соодветни елаборати за валоризација на поединични збирки кои ќе произлезат од оваа активност. Притоа, со детален преглед на музејското депо и евиденција на секој поединечен примерок констатирано е дека Музејот поседува материјал со исклучителна вредност кој припаѓа на античкиот период и кој опфаќа една широка хронолошка рамка од хеленистичкиот до римскиот период. Во предложениот проект ќе бидат вклучени археолошки предмети од керамика од два евидентирани локалитети Градиште/Циглана - Неготин и лок. Теќе кај с. Отовица и предемети чијашто провениенција не е позната, но според својот облик и зачуваност заслужуваат да бидат подложени на конзерваторски третман,вели Василкова Мидоска.
По конзерваторско - реставраторскиот третман, предметите чии материјални и естетски вредности ќе ги задоволат критериумите за музејски експонати, се очекува да станат составен дел на археолошката поставка во музејот, додека останатите ќе се депонираат во депо и ќе се презентираат пред пошироката јавност на повремени изложби и за стручно-научни или популарни публикации.
Василкова-Мидоска на овој проект ќе работи заедно со Билјана Јанкуловска Пеева, виш кустос конзерватор од Националната установа Стоби.
Четвртиот проект, како што информира Василкова Мидоска, е конзервација на монети од нумезматичката збирка на Музејот во Велес, а на овој проект таа ќе работи со Бранко Величковски, кустос советник конзерватор од Музејот на Македонија.
Овој проект претставува продолжение на започнатите активности поврзани со конзервацијата на монетите од нумизматичката збирка на Музејот во Велес. Во текот на 2022 година во рамки на Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес финансиран од страна на Министерството за култура изведени се конзерваторски истражувања и изработен е конзерваторски проект.
-Целта на предложениот проект се базира на неколку основи кои вклучуваат заштита, соодветна идентификација, евиденција и промоција на овој вид на културно наследство. Во таа насока со овој проект ќе се овозможи конзервација на целокупната збирка, а со надополнување на нови примероци од монети таа само ќе се збогатува, појаснува Василкова Мидоска.
Со цел да се обнови интегритетот на монетите ќе се применат интервенции за намалување, успорување и спречување на нивното пропаѓање.
-Интервентните активности ќе се одвиваат во неколку фази кои се однесуваат на селекција на монетите односно изработка на т.н. приоритетна листа согласно нивната зачуваност односно оштетеност, чистење на површините односно физичка и хемиска обработка на селектираните предмети, консолидирање на површината со соодветни препарати и третмани за сочувување на предметите и запирање на нивниот деградирачки процес, посочува Василкова Мидоска.
По завршување на активностите, монетите ќе бидат ревидирани и евидентирани во музејската евиденција согласно новите сознанија и податоци, а дел од нив ќе бидат вклучени и во елаборатите на поединечните збирки од нумизматичката збирка на Народниот музеј во Велес.