Во „Паблик рум“ вечер во 21 часот, во рамките на посветено курираниот музички серијал „Јавна проба“ ќе настапи џез составот Такси конзилиум.

„Јавна проба“ е резултат на потребата за поширока презентација и промоција на квалитетна домашна авторска музика во полето на поп, рок и џез музичка сцена од различна генерација на веќе докажани музичари и надоаѓачки таленти кои издаваат и соработуваат со дискографската куќа ПМГ Рекордингс. „Јавна проба“ е резултат на соработката помеѓу ПМГ Рекордингс и скопски културен простор „Паблик рум“, која на скопската публика ќе и понуда серија на концерти кои ќе се случуваат секој четврток.

Такси конзилиум (Taxi Consilium) е водечки состав на новиот бран на македонската џез сцена. Свежа и вибрантна, ослободена од рамките на самонаметнати канони и силно прогресивно настроена, оваа сцена бележи врвни историски резултати. Од доцните четириесетти, откога постои македонскиот џез, до денес не сме имале вака слободоумна, авантуристичка и потентна генерација. Такси конзилиум се наоѓаат на самата острица на овој нов џез бран, а нивната продуктивност е адекватна на високиот квалитет кој го носат, а е препознаен и кај нас и во светот.

Филип Букршлиев (композитор, гитарист) е добитник на наградата „Најдобар млад џез музичар“ за 2021, доделена од Скопскиот Џез фестивал. Истата таа награда, една година порано ја доби и Андреа Мирческа, препознатлива по својот контрабас. Списокот со имиња на бендот го довршуваат Благојче Томевски на бас кларинет и Драган Теодосиев на тапани. Нивниот студиски албум „The Essential Sunday Gloom“ (24 издание за ПМГ Џез), е прогласен за еден од најдобрите џез албуми во светот на музичката платформа bandcamp во 2021 година.

Такси конзилиум, како што наведуваат од ПМГ Рекордингс, е од оние бендови кои се совршени да се проследат во живо. Совршен баланс од свирачка бравурозност, мелодиска убавина и импровизаторски излет. Располагаат со смисол за хумор, топол грув и создаваат атмосфера за паметење.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2023 09:00