Долгометражниот документарен филм „Железен човек” во продукција на „Опиум филм“ од режисерите Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов беше претставен на пичинг форумот, како дел од 25.Интернационален Фестивал за документарни филмови во Солун, што се одржа од 2 до 12 март.
-По интензивната програма на која беа претставени 14 проекти од 21 земја од целиот свет, проектот имаше можност да биде и дел од „Agora“ маркетот каде што продуцентите имаа можност да остварат состаноци со голем број на потенцијални копродуценти, дистрибутери, тв бродкастери, сејлс агенти и други филмски експерти. На состаноците проектот „Железен човек”, доби огромен интерес од страна на присутните продуценти и позитивна критика од меѓународните филмски професионалци, се наведува во соопштението на „Опиум филм“.
Филмот е за пензиониран полицаец од Скопје кој што во изминатите 15 години се обидува да направи машина што ќе произведува бесплатна енергија, без никаков влог на друга енергија, со цел да го спаси светот од глобалното затоплување.
Во изминатите четири години филмот е развиван на повеќе пичинг форуми, работилници и претставен на филмски маркети низ Европа.
Долгометражниот документарен филм е поддржан од Агенција за филм.