Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ во соработка со бар „Нагоре“, како дел од проектот „Ѕид на уметноста“, вечер со почеток во 21:00 часот ќе ја реализира третата изложба насловена „Улицата Волт Дизни“ на Марија Трпеска.

Улицата „Волт Дизни" - постои во единствената ромска општина Шуто Оризари, а од таму и мотивите и темата за оваа изложба на Марија Трпеска. Цртежите се работени под влијание на силниот наратив што го содржи ромската култура, уметност и начин на живеење, информираат организаторите.

- Работам во средно училиште како наставник по ликовна уметност во Шуто Оризари. Сакав цртежите да бидат бајковити, како што се дизниевите анимирани филмови, тоа е чувството што го имам кога го поминувам времето со децата и наставниците кога сум во училиштето; затоа што ми се менува општото чувство за време/простор, како да се дематеријализира сè околу и постои само сегашниот миг, вели Марија Трпеска за оваа изложба.

Трпеска е родена во Скопје во 1989 година. Дипломирала во 2017 година на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, насока ликовна педагогија, модул сликарство. Нејзиниот главен ликовен фокус е цртежот, но истражува и со фотографијата и видео уметноста. Живее и работи во Скопје. Учествувала на 10 групни изложби во Македонија и надвор, а „Free entry“ е нејзината прва самостојна изложба која досега пред публика е претставена три пати.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/03/2023 10:15