Вториот албум на тандемот Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ во издание на Скопскиот џез фестивал ќе биде промовиран денеска во Скопје. Промоцијата ќе биде збогатена со мини-концерт.
Според издавачот, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“ (2021), кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.
- Овојпат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори - лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови, се наведува за албумот.
Од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, албумот има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува „Како пиле. Шарено“.
Албумот содржи осум традиционални македонски композиции, во аранжман и изведба на двоецот Грашеска/Јовановиќ.
Дизајнот на обвивката е дело на Ника Гавровска.
„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49. издание на SJF Records, спремно за уживање на CD, а ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.