Во галерија „Мисијата“ на Државен културен институт кон Министерството за надворешни работи на Бугарија од вчера е отворена меѓународната изложба „Насоки“. Делата од изложбата се настанати во последните 11 години по време на Меѓународната ликовна колонија во Созопол, која секоја година се одржува во првите денови од јуни и е дел од Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“.
На изложбата посетителите може да видат делата на авторите од Македонија - Симонида Китановска, Марјан Ѕингаров и Иво Пецов. Бугарија е претставена со делата на Рада Цанкова, Греди Аса, Мариета Конова, Рајна Стојмирова, Албена Шениовска, Михаил Бешев и Момчил Мирчев. Франција е застапена со делата на Ана Корнеруп Банк, Ив Гобар, Ѓукче Делагранж, Клеман Бонвиле.
Од грузиските автори присутни се Софија Татарашвили, Елене Мелкадзе, Кетеван Давланидзе. Албанските автори се застапени со делата на Еми Бехари, Ералд Незај, Бесиана Манала. Присутни се делата на романските автори - Софија Овежан, Матеј Лазард и Ференц Золтан, а Грција е претставена со делата на: Јоанис Сарсакис и Јоанис Кампасакалис.
На изложбата, со кој се одбележува 30 годишнината од членството на Република Бугарија во франкофонската заедница, присуствуваа и министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков, како и потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, под чија патронажа се организираше настанот и која официјално ја отвори изложбата од 20 автори, од различни земји – членки на франкофонската заедница.
На отворањето, освен Илијана Јотова, обраќање имаше и директорката на Државниот културен институт Снежана Јовева и директорката на Меѓународниот франкофонски фестивал „Солеј“ Александрина Исајлова, која ја претстави изложбата.
Изложбата ќе биде отворена до 18 април.