Изложба на дела од уметникот Новица Трајковски беше отворена денеска во Музеј на град Неготино. Директорката на оваа културна установа, Драгица Чекорова појасни дека Трајковски се претставува со циклусот на дела протрети на „Спасителот", со дваесет и две слики создадени во последните неколку години од неговото творештво. Насликани се во техниките масло на платно и акрил на платно, со теми од магичното и мистериозното. - Како одличен портретист, Трајковски ја има дарбата, како кај класиците, да го прикаже карактерот и психолошката состојба на портретираниот лик. Инаку, ликовните критичари за Новица Трајковски знаат да кажат дека е подеднакво познат и како пејзажист и како сликар на портрети, а тој самиот во една прилика ќе забележи дека не е тешко да се нацрта портрет, туку според него, најпроблематично е да се претстави мислата, рече Чекорова. Таа додаде дека овие слики се моменти на восхит и предизвикуваат восхит. Даниела Спасовска, сопственик на галеријата ,,Далерија" во Скопје, рече, дека, гледајќи ги делата на Новица, можеме да доживееме и болка и лекување, позитивно вибрирање, еуфорија, наплив на многу љубов, едноставно, да доживееме просветлување и исцелување. Свое обраќање имаше и авторот на изложбата, Трајковски. Тој, меѓу другото, рече дека неговите чувства се рефлектираат во неговите дела. Присутните имаа можност да проследат и музички изведби на ученици од основното музичко училиште ,,Владимир Арсовски".



Автор: Администратор
Објавено на: 22/03/2023 14:57