Британскиот синт-поп бенд „Депеш мод“ денеска ќе го објави новиот, 15-ти студиски албум „Memento Mori“. А, овој наслов е избран уште пред смртта на еден од основачите на групата - клавијатуристот Енди Флечер.
- Смртта на Флечер на некој начин само потврди дека албумот треба да се вика така. Иако мислевме дека е добар наслов, сега мислиме и дека е фер да го наречеме така, изјави гитаристот Мартин Гор.
Познатиот Флеч почина на 60-годишна возраст во мај 2022 година, од ретка васкуларна болест. Иако некои го сметаат за спореден музичар во составот, тој беше врската меѓу двајцата лидери на бендот - Гор и пејачот Дејв Геан, кои „никогаш не биле најдобри пријатели на светот“, според наводите.
- Флеч беше тој што доаѓаше да ми каже - Мартин не сака ова или она. Сега тој веќе не е со нас, па јас и Мартин мораме да разговараме. Моравме повторно да комуницираме и тоа го одбележа албумот!, изјави Геан неодамна за западните медиуми.
Пејачот додаде дека Мартин при снимањето на албумот, имал впечаток дека „го пронашол одамна загубениот брат“, говорејќи за Гор.