Францускиот јазик е отворен прозорец кон различен поглед на светот, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на новите простории на Центарот за француски јазик „Француската алијанса“ - Тетово во Центарот за култура.
-Ќе ве потсетам на францускиот писател Виктор Иго кој рекол, „La langue française est une fenêtre ouverte sur une vision différente du monde“ - „Францускиот јазик е отворен прозорец кон различен поглед на светот“. Затоа Француската алијанса игра важна улога во промовирањето на културната размена и разбирање, што претставува вистински предизвик во денешното глобално општество. Францускиот јазик има богата историја, а неговото учење може да отвори нови можности за личен и професионален раст и развој на секој поединец. Како ‘Француската алијанса’ - Тетово сте витален дел од промовирањето на оваа културна размена овде во Македонија и ви посакувам успех во вашите идни напори, заклучи Костадиновска-Стојчевска.
Како што соопштуваат од Министерството за култура, Костадиновска-Стојчевска потенцираше дека додека го славиме Месецот на франкофонијатаво нашата земја, ја препознаваме важноста од промовирање на францускиот јазик и култура.
-Францускиот јазик го зборуваат над 300 милиони луѓе ширум светот, што го прави важна алатка за комуникација и културна размена. Во Северна Македонија, ’Француската алијанса’ континуирано е составен дел од оваа иницијатива, која неуморно работи на обезбедување можности на заедницата да учи и да се вклучи активно во француската култура“, додаде таа.
Министерката посочи дека овој нов простор ќе им овозможи на тетовчани да ги прошират своите активности и да обезбеди уште повеќе можности за да ја научат и доживеат вистински француската култура.
На промовирањето на „Француската алијанса“ - Тетово присуствуваше и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, при што истакна дека таа има клучна мисија и визија на промовирање на францускиот јазик и култура со верба дека овој нов простор ќе овозможи дополнително да се зајакнат врските помеѓу двете земји.