Фернандо Алонсо изјави дека не жали како испаднала неговата кариера во Формула 1 и истакна дека не се согласува со критиките за неговите одлуки.

- Би рекол дека од 20 сезони во Формула 1 само четири беа разочарувачки, кога Мекларен-Хонда не беше конкурентна. Но, во текот на преостанатите 16 сезони, се борев за подиуми и победи - ова е нешто посебно. Понекогаш ми се чини дека однадвор луѓето се навредени од мене поради чекорите што ги презедов. Но, фактите велат поинаку, и јас би сакал да го појаснам ова, рече двократниот светски шампион на „Channel 4“.

Шпанецот го сподели и своето мислење за амбициите на неговиот тим Астон Мартин оваа сезона.

- Почнавме добро, но Ред Бул се пред сите. Затоа, важно е да останеме реални. Ќе има трки каде што ќе бидеме шеста или седма екипа. Ферари ќе засили, Мерцедес ќе напредува, бидејќи ова е многу голем тим со сериозен потенцијал. Ќе се обидеме да го одложиме овој процес колку што е можно повеќе и да останеме напред, истакна Алонсо.

По две трки сезонава во шампионатот во Формула 1, Алонсо е на третото место во Генералниот поредок со 30 бодови, 14 помалку од лидерот Макс Верстапен.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 10:31