Освен традиционалните компании кои досега котираа на Македонската берза, а се оформени пред осамостојувањето на државата, односно пред 1991 година, да се појават и нови, свежи производи - акции од компании создадени во независна Македонија кои успешно работат. Ова е новото поглавје во работењето на Македонската берза што денеска го најавија директорот на Македонска берза АД Иван Штериев и претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК) Трајан Ангелоски.

-Македонската берза почна со тргување на 28 март 1996 година. Одлучивме овој настан да го одбележиме заедно со нашите колеги и пријатели од ССК зашто смислата на постоењето на Берзата, меѓу другото, е да се овозможи бизнисите одвреме - навреме успешно да ги финансираат своите потреби и преку пазарот на хартии од вредност. Имајќи предвид дека во регионот имавме една специфична еволуција, овој процес не одеше толку брзо колку што е неопходно, но секако, како Македонска берза, а и со нашите партнери од ССК, во наредниот период ќе работиме овие процеси да се придвижат. Имаме, исто така, и големи очекувања од новата европска усогласена регулатива на пазарот каде ќе се овозможат одредени олеснувања за издавање нови емисии за финансирање на компаниите. Токму фокусот на нашите заеднички активности со ССК ќе биде во оваа насока, изјави Штериев пред работната средба со ССК.

Според Ангелоски, дојден е вистинскиот момент да се отвори ново поглавје во работењето на Македонската берза.

-Берзата е еден од основните столбови на економската независност на секоја држава. Сметаме дека е дојден вистинскиот момент да се отвори ново поглавје во работењето на Берзата и освен оние традиционални компании кои досега котирале на Берзата и, за жал, се оформени пред 1991 година, пред осамостојувањето, да се појават нови свежи производи, а тоа би биле акции од компании создадени во независна Македонија, компании кои успешно работат, кои може да ја искажат својата реална вредност на Берзата. Во следниот временски период ќе оформиме заеднички клуб, клуб на успешните заедно со Берзата, каде ќе се врши одредена едукација, подготвување и процедури на кој начин може компаниите да дојдат до ситуација да можат нивните акции да котираат на Берзата. Сакаме да отвориме ново поглавје во работењето на Берзата и Берзата да извади нови свежи производи, зголемена понуда за инвестиции. Ние константно го застапуваме ставот дека во земјава овие ниски стапки на раст се резултат на тоа што не постојат доволно услови за инвестирање, потенцира Ангелоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2023 15:30