Дигитализацијата на архивскиот материјал е главна тема на состанокот на директорите на националните архиви од државите сукцесори од поранешна СФРЈ овластени од своите влади за спроведување на Анекс Д од Спогодбата за сукцесија, која се однесува на заедничкото архивско наследство.

Емил Крстески, директор на Државниот архив на Република Македонија изјави дека ова е еден од состаноците во последните неколку години, на кој главен акцент ќе биде дигитализацијата на архивскиот материјал и историските документи од 1918 до 1991 година, односно до распадот на поранешна Југославија. Тие треба да се дигитализираат и секоја држава да си ги преземе оригиналните документи или копии од тие архивски материјали, информираше Крстевски.

На новинарско прашање, Крстевски рече дека досега биле земени материјали, се работело на тоа, но за полесно и побрзо да оди работата, потребно е да се дигитализира архивскиот материјал.

-Како архив имаме разбирање кај Владата. За овој заеднички проект во контакт сме и со неколку фондации од ЕУ и други земји, што треба да помогнат за негова реализација, истакна Крстевски на прашањето дали има разбирање од властите за потребата од средства за овој процес.

Милан Терзиќ, директор на Архивот на Југославија изјави дека во овој архив се наоѓа најголемиот дел од материјалите. Тој нагласи дека архивите во Белград се отворени и може да се истражува. Исклучок, рече, е воениот архив, бидејќи според закон, цивилните материјали се отвараат после 30, а воените после 50 години. Терзиќ информираше дека настојуваат да добијат финансиски средства за дигитализација и материјалите да се поделат, затоа што, како што рече, тоа е заедничко културно наследство.

-Архивот на Југославија има 40 километри хартии, голема количина, а самата дигитализацијата како комплексен процес, подразбира прво архивистичка обработка, па дигитализација, нагласи Терзиќ,

Данијела Мрда, од архивот на БИХ, истакна дека архивскиот материјал е од исклучително значење за сите и оти се потребни исклучително големи финансиски средства, бидејќи процесот на дигитализација е скап.

Првите луѓе на архивите на Словенија, Бојан Цвелфар и на Хрватска, Динко Чутура, се согласија дека дигитализацијата е најдобро решение и даваат целосна поддршка на тој процес. Според Чутура, покрај дигитализацијата паралелно треба да се одвива и процесот на враќање на архивските материјали онаму каде настанале што е, вели, во согласност со членот 2 од Спогодбата за сукцесија.

Цвелфар смета дека се потребни почести средби, една или две годишно, бидејќи од потписот на Спогодбата поминати се 20 години и не е многу направено во однос на реализацијата, конкретно на Анексот Д.

За Терзиќ, со спогодбата од 2001 година точно е прецизирано што треба да се врати, тоа се Осимските договори од 1975 за границата кон Италија и два документа кои се однесуваат на односот на Македонија кон Грција. -Во однос на тоа каде настанала граѓата, тоа е слоевито прашање, подвлече Терзиќ

На состанокот се присутни овластените претставници на државите сукцесори, одговорни за архивот, во врска со имплементација на анексот Д од Спогодбата за сукцесија.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/03/2023 13:43