Во охридското село Куратица во тек се последните подготовки за традиционалниот карневал под маски што по повод празникот на селото Свети Василиј Велики ќе се одржи по 26-ти пат.
Организаторот на манифестацијата, Здружението „Свети Василиј“ и селската Месна заедница, најавија дека и за ова карневалско издание традиционалниот дел е неизменет, со почеток на 13 јануари вечерта кога зетот, невестата, бајачот, валегачот, музикантите и други учесници тргнуваат во посета на сите домаќинства во селото. Станува збор за традиција со која жителите го бркале злото и носеле радост во домовите.
Главната содржина на манифестацијата односно карневалот под маски е предвидено да почне на 14 јануари од 19 часот, со дефиле на учесниците, по што ќе бидат прогласени и најуспешните и најоригиналните креации.
Целата манифестација ќе биде надополнета со богата забавна содржина, музика, забава и огномет.
Маскенбалот во Куратица има долгогодишна традиција. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Според непотврдени податоци датира од далечната 1575 година. Карневалот под маски каков што се организира беше возобновен во 1988 година како своевидна туристичка атракција.