Доминиканскиот тениски судија Фабијан Кареро е суспендиран доживотно по серија манипулации со резултати на натпревари, објави Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ИТИА).
Кареро на крајот од 2019 година на тениски турнири во Доминиканската Република сторил 16 прекршоци на осум натпревари, манипулирајќи со бодувањето „со цел да овозможи добивки при обложување на одредени поени“.
Кареро беше суспендиран во март лани, а по завршување на истрагата е доживотно исфрлен од светот на тенисот.
ИТИА соопшти дека на Кареро му е изречена и доживотна забрана да присуствува како гледач на тениските натпревари.