Групата „Култур шок“ вечер, во 21 часот, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар (МКЦ).
Како што информира МКЦ, последниот настап на „Култур шок“ во МКЦ беше во 2019 година.
Од МКЦ најавуваат богата програмска недела во која за една седмица се закажани пет музички настани и концерти, три танцови перформанси, работилница за стрип за најмладите и феминистичка трибина.
За утре, 5 април 2023 година, со почеток во 20 часот предвидени се три танцови перформанси како дел од годинашното издание на „Танц Фест 2023“, „Дали е реално?“ по кореографија на Гилда Цесарио од Италија, „OPUS I-IV“ по кореографија на Сандра Мавхима од УНАГЕ, Романија и „Lud:Us“ по кореографија на Jакуб Черулик од Нитра, Словачка.
На 6 април во Младинскиот културен центар ќе се одржи настанот за раскажување женски приказни „ПичПрич“ на темата „Бев Сама“, со кој ќе се најави и единаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ во соработка со Тииит.инк. Вечерта, во соработка со „Ротко“, во Денсинг салата на МКЦ настап ќе имаат „Soft Moon“.
На 7 април во МКЦ ќе се одржи првата од серијата бесплатни работилници за деца со Билјана Црвенковска на тема „Како се пишува приказна за стрип и зошто мора да ја има?“.
За 7, 8 и 9 април 2023 година се предвидени три последователни музички настани. Тоа се промоција на вториот албум на младиот македонски електронски артист Кеско (KESKO) со настап во живо и локална поддршка од DJ Flooder и Kronom. На 8 април (сабота) ПиЕмЏи Колектив ќе има концерт на најдобрите хитови од изминатите 20 години постоење. В недела, 9 април, ќе има втор, акустичен концерт на Фанк Шуи, по нивниот распродаден концерт изминатата недела.
Програмската недела во Младинскиот културен центар почна синоќа, со отворањето на изложбата „МА“ на авторот Сашо Колевски, како прва негова самостојна изложба.
Билетите за настаните може да се набават на билетарницата на МКЦ или онлајн, на линкот bileti.mkc.mk.