Во издание на Институтот за национална историја излезе од печат книгата „Канон и цензура во културната продукција 1945-1952“ од проф. д-р Драгица Поповска.
-Книгата го прикажува односот на канонот и цензурата во културата на социјалистичка Југославија, вклучително и на социјалистичка Македонија, во првиот повоен период, во кој е доминантен административно-централистичкиот модел на културна политика, чиишто хронолошки граници се поклопуваат со постоењето на одделението за агитација и пропаганда. Авторката, применувајќи ги новите академски пристапи за проучување на цензурата, фокусот го става на неколку области од културата: книжевност и издавачка дејност, кинематографија/филмска продукција, театарско творештво и музика, велат од Институтот за национална историја.
Во овој контекст, како што вели издавачот, анализата на цензурата ги опфаќа општествено воспоставените практики, кои настојуваат да ја оневозможат или да ја забранат трансмисијата на другите: идеи, информации, слики, содржини и пораки, преку комуникациските канали во општествени рамки.
-Целта не е нотирање на примерите на цензура во југословенското/македонското општество во конкретниот период, туку откривање на начинот на кој државата/партијата наметнувала правила на игра во одредено поле на културата и аналогно на тоа, начинот на кој ги исклучувала од игра неподобните содржини, појаснуваат од Институтот.
Драгица Поповска е редовен професор во одделението за културна историја, при Институтот за национална историја. Нејзините истражувања се во областа на културната историја и социо-културната антропологија. Автор е на осум монографии и голем број научни трудови објавени во земјата и во странство.