Катедрата за современ танц при Филмската академја на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип од 2 до 8 април е домаќин на гости од Националениот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ од Романија, кои ќе работат заедно студентите на УГД.

Под менторство на проф. д-р Санда Мавхима и проф. д-р Рисима Рисимкин, студентите ќе работат заедно на истражувања во областа на танцот. Воедно, гостите од Романија утре на сцената на Младинскиот културен центар ќе настапат со претставата „Опус 1-4“ во рамките на фестивалот „Танц фест 2023“.

-Професорката Махвима се чувствува многу среќна што оваа соработка која ја планираа во изминатата година се остварува и смета дека ова ќе е едно извонредно искуство за нивните студенти, посебно поради квалитетот на програмите кои ќе ги следат на УГД, во соработка со нивниот оддел за танц. Посебно возбудување им е и настапот на ваков престижен и исклучително професионален фестивал како Танц фест, соопшти Катадрата за современ танц на УГД.

Професорката Рисимкин изјави дека многу се радува на оваа соработка бидејќи, како што вели, отвора ново поглавје за студентите на двата универзитета, што ќе им овозможи подобар развој, размена на искуства и стекнување нови знаења.

-Гостите од Романија се репрезенти на нивната современа танцова сцена и со нетрпение ја очекуваме нивната претстава во рамки на фестивалот „Танц фест“. Воедно се радуваме дека ќе имаме можност и ние да ги посетиме и да се претставиме со наши продукции кај нив. Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано вложува во создавање нови односи на интернационално ниво, а Катедрата за современ танц е поврзана со повеќе европски и светски танцови универзитети и академии. Поврзувањето со Националниот универзитет за уметности од Романија е уште една можност за развој и потврда на нашите квалитетни програми, со кои стануваме престижни во рамки на танцовата уметност на интернационално ниво, истакна Рисимкин.

Националениот универзитет за уметности „Џорџ Енеску“ (UNAGE) е прва уметничка високообразовна институција од Романија. Со над 1500 студенти и 25 студиски програми кои ги опфаќаат сите уметнички области, универзитетот ја зачувува и гради културата, придонесува за заштита и промоција на романското уметничко творештво, негувајќи и развивајќи вкус за автентично творештво.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/04/2023 04:35