Организаторите на АТП и ВТА тенискиот турнир во Рим планираат од 2025 година да воведат исти парични награди за тенисерите и тенисерките.
Кога полската тенисерка Ига Швјонтек го освои турнирот лани, заработи помалку од половина од износот што му припадна на победникот во машка конкуренција, Србинот Новак Ѓоковиќ.
Швјонтек инкасираше 332.260 евра, додека на Ѓоковиќ организаторите му исплатија 836.355 евра.
„Прв пат во историјата започнавме процес кој во текот на три години ќе доведе до еднаков награден фонд за женскиот и машкиот турнир“, рече денеска претседателот на Тениската федерација на Италија, Анџело Бинањи на промоцијата на годинешниот турнир во Рим, кој ќе се одржи од 10 до 21 мај.
„Говориме за осум милиони евра за секој од турнирите. Можеме да го направиме овој голем скок, бидејќи извршна директорка на голема банка во Италија ни ги обезбеди потребните ресурси“, додаде првиот човек на италијанскиот тенис.