Во Културно-информативниот центар – Скопје вечер ќе биде промовирана книгата „Избрани песни“ од класичниот кинески поет Су Ши. Приредувач е д-р Игор Радев, кој направи избор, препев од класичен кинески јазик, предговор и белешки.

Книгата ќе ја промовира професор Владимир Мартиновски.

- Во овој избор се објавени околу 150 песни, а во обемниот предговор Радев дава детална анализа на поезијата на Су Ши, но и на општите естетски особености, посебно на формите на класичната кинеска поезија, како и на културната, општествената и историската средина, во која творел поетот, информира Културно-информативниот центар - Скопје.

Игор Радев е филолог, лингвист, синолог и преведувач од старокинески и кинески јазик. Магистрирал општа и применета лингвистика и е доктор по кинеска филологија. Тој има богат опус на преведени и препеани дела од старокинески и кинески на македонски јазик. Радев е автор на првиот превод на дело од старокинески на македонски јазик (Книга за Патот и неговата Крепост од Лао Це, 2012), а автор е и на над дваесетина книги од областа на кинеската философија и литература, лингвистиката, како и на научни статии во земјата и во странство.

Добитник е на државната „Кинеска награда за исклучителен придонес во литературата“ (2021), највисокото признание во Кина на книжевно-културно поле што може да биде доделено на странски државјанин, како и на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје (2022) за особен придонес во областа на публицистиката. Учествувал на бројни научни собири во земјата и во странство.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/04/2023 09:36