На последниот состанок на Управниот одбор на Светската шаховска федерација (FIDE), кој се одржа на 4 април во Мексико, на Шаховската федерација на С. Македонија (ШФМ) и беше доделена организацијата на Светското екипно првенство за сениори, соопшти ШФМ.
По пауза од 50 години и одржувањето на шаховската Олимпијада во далечната 1972, ова е прв настан од светски рамки кој ќе се организира во нашата држава.
- Во последните неколку години ШФМ успешно организираше неколку големи меѓународни европски натпреварувања, и особено не радува што овој пат и FIDE, ги препозна нашите квалитети и ни ја додели организацијата на ова значајно меѓународно натпреварување. Понудата за организација на ШФМ беше избрана како најдобра во конкуренција на четири други понуди и тоа од Италија, Малта и Тајланд, додаваат од федерацијата.
Екипното светско првенство за сениори ќе се организира во две старосни категории, едната за играчи над 50 години и втората категорија за играчи над 65 години.
- ШФМ ќе ги стави на располагање сите свои ресурси ова натпреварување да биде организирано во најдобар ред, што ќе ни овозможи и во иднина да се кандидираме за организација на големи меѓународни натпревари. Секако очекуваме поддршка од Агенцијата за млади и спорт, со која имаме одлична соработка која и до сега не поддржуваше во сите наши активности и проекти, како и од сите други заинтересирани љубители на шахот, информираат од ШФМ.
Истото ќе се одржи во период од 19 до 29 септември, во Хотел Изгрев, Струга, а се очекува да учествуваат повеќе 400 шахисти од целиот свет.