Француската министерка за спорт Амели Удеа-Кастера најави дека целата планирана инфраструктура ќе биде завршена до почетокот на Олимписките игри, кои идната година од 26 јули до 11 август ќе се одржат во Париз.

Надлежната министерка во изјава за радио Франс инфо рече дека планираниот буџет за ОИ не излегол од контрола, иако е ревидиран.

Удеа-Кастера прецизираше дека Организацискиот комитет на ОИ 2024 го проценува вкупниот буџет на 4,4 милијарди евра и додека дека оваа сума е ревидирана за 10 отсто, од кои половината е корекција на влијанието на инфлацијата.

Француската министерка за спорт нагласи дека 96 отсто од буџетот ќе биде покриен со приватни приходи, односно благодарение на спонзорски компании, продажба на билети или лиценци. Таа укажа дека во глобална смисла „јавните инвестиции претставуваат помалку од 25 отсто“ од парите потребни за организација на ОИ во Париз.

Одговарајќи на прашање во врска со контроверзите околу високите цени на билетите, Удеа-Кастера рече дека станува збор за „најголем спортски настан на планетата, кој се одржува само еднаш на секои четири години“.

Најголем број влезници се продадени по цена од 24 евра, околу половина по цена под 50 евра и само десет отсто по цена повисока од 200 евра. Тоа се вообичаени цени за ОИ, истакна Удеа-Кастера.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2023 11:51