Скопскиот Шаховски клуб Алкалоид имаше успешен настап на традиционалниот Меѓународен турнир во српскиот град Крагуевац на кој триумфираше Дино Табаковски, додека Кирил Николовски го освои шестото, а Стефан Мелник седмото место во конкуренција на 23 играчи со рејтинг до 2.000 поени.

Табаковски, иако десетторангиран на стартната листа, по 9 одиграни кола освои 8 поени (две реми, без пораз), со што освои и одлични 151 рејтинг-поени и убедливо стигна до победничкиот пехар.

Минатата година тој, исто така, играше на овој турнир, влегувајќи на него како 18. играч според рангот, при што заврши на 10. место. Ждрепката сакаше уште во второто коло да го победи минатогодишниот победник Предраг Гребовиќ, по што следуваше серија добри резултати со подобро рангирани играчи.

„Веќе третпат играм на турнирите во Крагуевац, но оваа година дојде до израз континуираниот напредок во работата со мојот тренер, велемајсторот Јаќимовиќ. Откако минатиот месец, заедно со уште еден младинец од напредната група на школата во ШК Алкалоид, учествував на најквалитетното Европското индивидуално првенство во шах, кое се играше во Врњачка Бања, сега со зголеменото ниво на самодоверба и, дополнително, со вистинските совети од мојот тренер успеав да стигнам до првото место“, изјави Табаковски, кој лани на Европското првенство за аматери се закити со трофеј за второ место во категоријата на играчи до 1.700 рејтинг-поени.

Забележителен настап на турнирот кој мината седмица се одржа во Крагуевац имаа и клупските колеги на Табаковски од младинскиот погон на ШК Алкалоид, Николовски и Мелник, кои пред почетокот на турнирот беа на 16., односно на 20. место според почетниот рејтинг, а на крајот и двајцата се пласираа на петтото место со по 5,5 поени. Според тајбрејк критериумот, Николовски на крајот го освои шестото место, освојувајќи нови 116 рејтинг-поени, додека, пак, Мелник се пласираше на седмото место и освои 34 нови рејтинг-поени.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/04/2023 10:25