Македонскиот олимписки комитет (МОК) денеска му изрече „забрана на вршење работа во олимпискиот спорт“ во траење од четири години на голманот на ракометниот првак Вардар 1961, Борко Ристовски.

Поранешниот прославен македонски репрезентативец е суспендиран, како што е соопштено, поради „изнесување груби лаги, клевети, невистини и ширење неточни информации на адреса на претседателот на МОК, Даниел Димевски“.

Барањето за поведување дисциплинска постапка против Ристовски беше поднесено од Димевски на 17 март, две недели по гостување на ракометниот голман како претставник на политичка партија во ТВ емисијата „ЗА или ПРОТИВ“.

Според МОК, Ристовски „прекршил повеќе членови на Статутот и Дисциплинскиот правилник на МОК, како и законите на државата, со што се нарушува директно угледот на целата спортска фела и спортски организации во јавноста“.

Ристовски најави дека своите ставови ќе ги изнесе наскоро на прес-конференција.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2023 03:53