Најуспешниот македонски шаховски клуб Алкалоид му ја честиташе освоената титула светски првак на својот поранешен играч, кинескиот велемајстор Лирен Динг.

Во дуелот за светски шаховски првак во казахстанската престолнина Астана, 30-годишниот кинески велемајстор триумфираше вчеравечер во „тај-брејкот‘ против Русинот Јан Непомнијачши и стана првиот кинески шахист што стигнал до светската титула во поединечна конкуренција.

Динг во минатото испиша историја со ШК Алкалоид кога во 2016 година го предводеше најтрофејниот македонски клуб до шампионската титула на Европскиот клупски куп во Нови Сад.

Тој настапуваше на првата табла за македонскиот шампион и во настапите на Европскиот клупски куп во 2017 и 2018 година, освојувајќи го сребрениот медал на завршниот турнир во Анталија.

- На клупско ниво, горди сме што Лирен е дел од нашата историја и се надеваме дека наскоро повторно ќе го видиме по паузата која се случи поради пандемијата. Тој е врвен шахист и не кријам дека навивавме за него во овој дуел. Секако дека е голема чест и задоволство, да се биде капитен на една прекрасна личност која се одликува со скромност и повлеченост, карактеристики кои се толку нетипични во денешно време, -рече капитенот на ШК Алкалоид, велемајсторот Драган Јаќимовиќ.

Мечот за светската титула по регуларните 14 партии беше израмнет 7-7, по што се пристапи кон играње четири партии со забрзано темпо од 25 минути по играч.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2023 10:37