Шестото коло од Отвореното првенство на Македонија во шах донесе само едно реми меѓу првите шест табли, и тоа на првата каде што играа водечките играчи на табелата, ВМ Звонко Станојоски и ИМ Тони Лазов, обајцата членови на ШК Алкалоид. Беа одиграни 36 потези во партија, при што размената на дамите се случи уште на почетокот од средишницата, по што поделбата на поенот се чинеше како најреален исход.

Тоа го отвори патот за другите играчи кои остварија победи во своите дуели да фатат приклучок и да се вмешаат во борбата за титулата. Водечки со 5,5 поени е ИМ Никола Николовски, додека, пак, зад него се седум играчи со по 5 бода, меѓу кои е и шампионот од 2021 година, Филип Михов.

Во следното 7. коло токму Михов ќе игра против ИМ Тони Лазов, додека, пак, ВМ Звонко Станојоски ќе ги има црните фигури во дуелот со Антон Златков.

На женскиот турнир Леа Ефтовска се врати во водство на табелата победувајќи ја Викторија Велеска, додека, пак, другите две шахистки кои беа заедно со неа на делбата на првото место, Инџи Ајрадиноска и ЖФМ Моника Стојковска, одиграа реми по 83 потези во партија со неколку пресврти, при што, поради неказнети непрецизности во завршницата, и двете испуштија шанса за победа.

Ефтовска е во водство со предност од половина поен во пресрет на денешното 7. коло, кое носи меѓусебен дуел, а во партијата која може да биде пресудна за шампионската титула Стојковска ќе ги води белите фигури.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2023 11:23