Македонското шаховско првенство во поединечна конкуренција на кое настапија рекордни 105 учесници заврши синоќа во скопскиот хотел „Континентал“ со триумф на Звонко Станојоски во машка и неговата клупска колешка од ШК „Алкалоид“, Моника Стојкоска, во женска конкуренција.

Во машка конкуренција настапија 95 шахисти и дури деветмина од нив влегоа во последното коло со шанси за победничкиот пехар, кој на крајот го освои искусниот велемајстор Станојоски со што стана и македонски шампион за 2023.

Станојоски триумфираше пред тандемот од ШК „Гамбит АССЕКО СЕЕ“, фиде мајсторот (ФМ) Андреј Вељаноски и интернационалниот мајстор (ИМ) Никола Николовски.

Не помалку интересно беше и во женска конкуренција каде настапија 10 учеснички, а првото место и титулата државен првак ја освои (ВФМ) Моника Стојковска од ШК „Алкалоид“, пред шахистките од ШК „Гамбит АССЕКО СЕЕ“, Ивана Манова и Моника Жежовска.

Пехарите на победниците им ги додели претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Саша Богдановиќ.

На свеченото затворање, претседателот на ШФМ му додели и плакета за особени заслуги и развој на шахот на еден од доајените на македонскиот шах Благоја Сотировски – Џагуре .



Автор: Администратор
Објавено на: 12/05/2023 12:27