Романската тенисерка Симона Халеп одговори на новите обвинувања за прекршување на антидопинг правилата.

- Од 7 октомври, кога бев обвинета за допинг од „ITIA“, го доживеав најлошиот кошмар во мојот живот. Не само што моето име е извалкано на најлош можен начин, туку ИТИА, поради некоја причина што не ја разбирам, агресивно се обидува да ја докаже мојата вина иако никогаш не сум ни помислила да земам недозволени супстанци. Се обидов двапати да се разгледа мојот случај од независен трибунал, а „ITIA“ постојано наоѓаше причини за одложување. Сега кога со сигурност утврдивме дека сум жртва на загадување, зборуваат за таканаречената „ненормална еволуција на мојата крв“. Тројца светски познати експерти кои ги проучуваа моите тестови сосема јасно изјавија дека мојата крв е сосема нормална.

Се чувствувам беспомошно пред таквото прогонство и желбата да ја докажам мојата невиност. Повторувам, цел живот бев категорично против секоја измама. Тоа е спротивно на моите вредности. Сега само се надевам дека конечно ќе имам можност да се пријавам на независен и непристрасен суд, кој ќе ми даде шанса да ја докажам мојата невиност. Целосно верувам во правдата и со нетрпение очекувам да го изнесам мојот став на рочиштето, кое е закажано за крајот на мај. Поддршката од моите најблиски, тенискиот свет и моите фанови ми даде храброст да продолжам да тренирам секој ден и да се борам за вистината. Ви благодарам многу, напиша Халеп.

Меѓународната агенција за интегритет во тенис (ITIA) вчера соопшти дека новото обвинение се однесува на биолошкиот пасош на спортистот. Со помош на таков пасош, анти-допинг организациите следат различни нивоа во крвта во одреден временски период со цел да ги идентификуваат потенцијалните прекршувања на анти-допинг правилата.

„ИТИА“ нагласи дека ова обвинение не е поврзано со претходното.

Во октомври 2022 година, двократната Грен слем шампионка беше привремено суспендирана поради позитивен допинг тест што го помина за време на УС Опен. Тогаш кај неа била пронајдена забранетата супстанца „роксадустат“.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/05/2023 18:34