Седумкратниот светски првак во Формула 1, Луис Хамилтон, чиј договор со Мерцедес истекува на крајот на сезоната, најави дека ќе ја обнови соработката со германскиот тим, отфрлувајќи ги со тоа гласините дека е во преговори со Ферари.

„Мојот тим води разговори со Тото (Волф, шефот на Мерцедес) … речиси сме при крај да имаме подготвен договор. Ова е прв пат да не преговарам самиот, имам прекрасен тим зад себе“, рече Хамилтон пред претстојната трка за Големата награда на Монако.

Неговиот одговор доаѓа откако британските медиуми изминатите денови пишуваа дека се водат преговори меѓу 38-годишниот возач и италијанскиот тим Ферари, кој, наводно, бил подготвен да му понуди на Британецот договор вреден околу 48 милиони евра.

„Не сме испратиле понуда до Хамилтон. Воопшто не сме воделе разговори на таа тема“, демантираше и директорот на Ферари, Фредерик Васер, додавајќи дека секоја екипа би го посакала Хамилтон во своите редови.

Првата светска титула Хамилтон ја освои со Мекларен во 2008 година, по што од 2014 до 2020 година уште шест пати стана светски првак со германскиот Формула 1 тим Мерцедес.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2023 01:47