Шаховскиот клуб Алкалоид пријави екипа на Светското сениорско екипно првенство за ветерани, шахисти и шахистки над 50 и над 65-годишна возраст кое ќе се одржи од 18 до 29 септември во Струга.
Во согласност со турнирските правила, на Светското екипно првенство за сениори имаат право да учествуваат и репрезентации и шаховски клубови, но предуслов е сите играчи од една екипа да бидат во соодветната возрасна категорија и регистрирани во иста земја.
- Шаховскиот клуб Алкалоид, го пријави своето учество во категоријата на екипи со играчи постари од 50 години, а во екипата се вклучени врвните македонски велемајстори, долгогодишни членови на клубот и државни (сегашни и поранешни) репрезентативци: Трајко Недев – 3-пати државен шампион и освојувач на сребрен медал за поединечен резултат на Европско екипно првенство во 2003 година; Драгољуб Јаќимовиќ – 2-пати државен шампион и освојувач на златен медал за поединечен резултат на Шаховската олимпијада во 2000 година Звонко Станојоски – 6-пати државен шампион и актуелен државен шампион за 2023 г. Влатко Богдановски – 7-пати државен шампион Кирил Георгиев – како нов член на екипата, поранешен светски сениорски брзопотезен шампион и светски јуниорски шампион Роландо Кутиров – капитен на екипата, 2-пати државен шампион. Учеството на ова светско екипно првенство е нов мотив и предизвик, како и желба повторно да се постигне резултат со кој македонската шаховска и севкупната спортска јавност повторно и натаму ќе се гордеат, објави Алкалоид.
Ова врвно шаховско натпреварување е во заедничка организација на ФИДЕ (Светската шаховска федерација) и на ШФМ (Шаховската федерација на Македонија).