Подморницата што туристите ја користеа за да го видат потонатиот брод Титаник исчезна денеска во Атлантскиот Океан. Започната е мисија за пребарување и спасување.

Крајбрежната стража на Бостон објави дека ја бара подморницата, јави Би-Би-Си.

Засега нема информации дали имало патници во подморницата кога исчезнала.

Малите подморници се превозно средство за туристите да ги разгледаат остатоците од познатиот брод, кој се наоѓа на длабочина од 3.800 метри, на околу 600 километри од брегот на Њуфаундленд, Канада.

Патничкиот брод, кој беше најголемиот брод во своето време, удри во санта мраз на своето прво патување од Саутемптон до Њујорк во 1912 година.

Од 2.200 патници и членови на екипажот, повеќе од 1.500 загинаа. Потонатиот брод Титаник беше откриен во 1985 година и оттогаш е внимателно испитан.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/06/2023 02:27