Актуелниот двократен светски првак во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен (Ред Бул), четврта трка по ред ќе стартува од полпозицијата што ја обезбеди постигнувајќи најдобро време во квалификациите (1:04:391) одржани во петокот вечер на домашната патека на неговата екипа во австриски Шпилберг.

Водечкиот во генералниот пласман успеа за само 48 илјадинки да го надмина ланскиот победник на Големата награда на Австрија, Шарл Леклер (Ферари), со кого ќе го дели местото во првиот стартен ред, додека од вториот ќе тргнат Карлос Саинц (Ферари) и Ландо Норис (Мекларен).

Квалификациите за неделната трка за Големата награда на Австрија се одржаа вчера, бидејќи попладнево од 16:30 часот на програмата е спринт трката.

Ферстапен води во генералниот пласман со 195 бодови, 69 повеќе од клупскиот колега Серхио Перез на второто место.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2023 17:24