Натпреварот во печење прасе - „Сепра фест“ што требаше да се одржи во Аранѓеловац, Србија, како што тврдат организаторите, е откажан по поттик од српската „Веге-заедница“.

„Сепра фест“ опфаќа натпревар на пријавени екипи во печење свинско, со шатори и музичка програма сред областа Шумадија. Но, ден пред одржувањето на манифестацијата организаторите биле посетени од инспекторатот и изречена е забрана за одржување. Организаторот на фестивалот, Владимир Николиќ вели дека целта била да се соберат луѓе, семејства, пријатели и сѐ тоа да се прослави со музика.

- За 25 дена се пријавија над 150 тимови - околу 2.000 учесници. Настанот беше уредно пријавен во полиција. На крајот се случи нешто што никој не го очекуваше... Сè беше подготвено и уредно, со изјава дека ниту една свиња не може да влезе на настанот без потврда дека месото е исправно. Секоја свиња што е донесена му припаѓа на тимот. Дека инспекторот поднел барање оти фестивалот мора да се спречи, дознавме во 20 часот ден претходно, рече Николиќ.

Додека траеше промоцијата на фестивалот, тамошните вегани побараа од претседателот на Општина Аранѓеловац да престане да поддржува ваков настан. Сепак, Јелена Дисиќ, претставничка на „Веге-заедницата“ ги демантираше наводите дека побарале забрана за настанот.

- Не баравме забрана. Но, не се согласувам дека тие се грижат за традицијата. Можеше сè да мине без колење. Нашето здружение има за цел да спречи насилство врз животните и да ја информира јавната администрација, изјави таа.

Од здружението на веганите изразија став дека убивањето невини животни со песна и забава „ја поттикнува и негува суровоста кон слабите“, со изговор за традицијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2023 13:35