Доаѓањето на нов член во семејството е стресно за родителите, но и за децата. Психологот Ивана Кобер Врбат од Хрватска објаснува како родителот може да го подготви детето за раѓањето помал брат или сестра.

- Нов член во семејството е голема промена за поголемото дете и може да очекуваме различни реакции. За среќа, постојат начини на коишто можеме да си олесниме. Веќе при бременоста, на пр. може да му кажеме на поголемото дете за тоа како ќе има братче или сестричка и како бебето живее во стомакот на мама... И оти мајката ќе оди в болница, па ќе се врати со бебето. За ова може да се користат и разни сликовници со вакви теми, советува психологот.

Децата сакаат да учествуваат во збиднувањата, па треба да бидат вклучени и во ова. Имено, можат, на пр., да изберат играчка што ќе му ја дадат на бебето кога ќе се врати дома од породилиштето.

- Исто така, може и бебето, кога ќе дојде дома, „да му донесе“ подарок на поголемиот брат или сестра, така што второво дете ќе ја поврзе првата средба со бебето со пријатното искуство со дарот. Децата сакаат рутина и предвидливост, тоа им дава сигурност, додава Кобер.

Таа препорачува и да се избегнуваат други промени во животот на детето, како што е истовремено одвикнување од пелени или цуцла ако во тој миг се очекува раѓањето бебе.

Што да се очекува од постарото дете кога ќе дојде новороденото бебе?

За тоа има многу предизвици. На почетокот, на пр. може да изгледа дека постарото дете не е заинтересирано за бебето, а дури подоцна почнува да покажува љубомора и тешкотии при прилагодувањето. И тоа е нормално. Така се надраснуваат новите состојби и непознатото.

- Треба да му се дозволи на детето да се справи со новонастанатата состојба на начин што му одговара. Затоа слободно земете го детето в раце и нишајте го како бебе. Постарото дете, исто така, може да биде пораздразливо, може да се нарушат претходно воспоставените навики на спиење. Сите овие однесувања се нормални доколку траат кратко, а најчесто детето релативно брзо се навикнува на новото и се враќа на вообичаеното однесување, вели стручњакот.

Тој исто така додава дека не треба да се занемари и менталното здравје на мајката, која покрај сите хормонални промени низ кои минува телото и недостатокот на сон, треба да се прилагоди и на живот со две деца на кои им треба нејзиното внимание.

Има и одредени работи коишто, се вели, родителите никогаш не треба да ги прават кога ќе дојде бебето. Меѓу нив, пред сѐ, е срамот или казнувањето на детето за емоциите и чувствата.

- Не би било добро, на пр., да ги праќате децата в ќош или да ги казнувате на некој друг начин ако плачат. Не треба да ги спречувате да ги изразат своите емоции, добро е да ги оставите да плачат кога им е тешко и да ги утешите со прегратка, бакнеж или на некој друг нежен начин. Родителите тука може да кажат „Гледам дека ти е тешко навистина, и тешко е да добиеш брат / сестра“, вели психологот.

Важна е трпеливоста, смета таа. Треба да се нагласи дека овој период ќе помине, иако се чини дека никогаш нема да заврши. Работите си доаѓаат на свое место, а децата најчесто се прилагодуваат и на крајот ја покажуваат потребната љубов и грижа кон најмалечкото.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/08/2023 18:27