Лекот против дебелина, „Вегови“ (Wegovy) од данската компанија „Ново Нордиск“, којшто се прима еднаш неделно со инјекција, и со кој може да се изгуби повеќе од 20 отсто од тежината, ќе биде „оскуден“ на фармацевтскиот пазар уште најмалку две до три години.
Речиси сигурно, лекот засега ќе биде достапен за малкумина, според првичните наводи. „Вегови“, иако е одобрен од американската Управа за храна и лекови (ФДА) и европската EMA, засега е достапен само во САД, Данска, Германија и Велика Британија. Имено, семаглутидот - суровина за тој лек, „Ново Нордиск“ нема да може да го произведува во доволни количини додека значително не го зголеми производствениот капацитет за да може да го задоволи пазарот.
Предност, инаку, имаат дијабетичарите. Во оваа смисла, „Оземпик“ е лек соодветна замена на „Вегови“, но за третирање дијабетес. Тоа не е лек за слабеење.
Сѐ ова значи, „Светиот грал“ за лицата со прекумерна тежина, или поточно „волшебната“ инјекција за слабеење, е тука, но засега ќе ја добијат само среќните малкумина.
Неодамнешните резултати од клиничките испитувања во фаза 3 на „Вегови“ би можело да значи поголема побарувачка и употреба. Имено, се докажа дека лекот ја намалува опаснтста од кардиоваскуларни заболувања (срцев или мозочен удар) за над 20 отсто. Испитувањата биле спроведени на 17.604 луѓе на возраст над 45 години кои имале прекумерна тежина и страдале од некои срцеви болести