Европската комисија денеска донесе одлука да го признае како заштитена географска марка алкохолниот пијалак „Борзаг Палинка“, што се произведува во унгарскиот регион Ноград.

„Борзаг Палинка“ се произведува од бозел и се карактеризира со слатки ароматични ноти, зачинети со нане, ванила, анасон и смрека.

Производството на оваа ракија во регионот Ноград има повеќевековна традиција и речиси сите деститерии во оваа област го проиведуваат овој алкохолен пијалак од бозел.

Специфично е и тоа што бозелот се нарекува „борзаг“ („borzag“) само во регионот на Ноград, додека во останатите делови на Унгарија оваа билка се вика „ѓалогбодза“ („gyalogbodza“).

Со денешната одлука на Европската комсија, „Борзаг Палинка“ е додадена на листата на ЕУ на која се наоѓаат околу 260 заштитени алкохолни производи.

Дополнително, Еврокомисијата денеска го одобри и планот на Ирска за државна помош од 45 милиони евра за поддршка на одржливото менаџирање со шумите, чија цел е промоција на ширењето на шумите, заштита на биодиверзитетот и квалитетот на почвата, водата и шумскиот пејзаж, прилагодување на шумските региони на климатските промени и зголемување на капацитетот на шумите за апсорпција на јаглерод. Програмата ќе трае до 31 декември 2027 година и помошта ќе се доделува во форма на директни грантови.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2023 22:33