Како човек сум згрозен од тоа што се случува. Сведоци сме на едно криминално и монструозно мафијашко здружување на неколкумина медицински лица блиски до партиите на власт. Она кое што згрозува е за да се богатат, за да остварат лична добивка, лековите коишто наместо да им бидат дадени на тие кои што им се најпотребни и коишто умираат во болки, тие истите тие лекови ги препродавале и пациентите ги оставиле на милост и немилост, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на денешната посета во Виница одговори на новинарско прашање за коментар околу случувањата на Клиниката за онкологија.
Мицкоски исто така додаде дека ВМРО-ДПМНЕ за пред две години алармираше за ваквата состојба на таа клиника и дека за овој случај е потребна не само кривична туку и политичка одговорност.
„Тие практично се здружиле за да направат злосторство врз човештвото и тоа згрозува. На секој еден човек, на секој еден граѓанин тоа му предизвикува една голема мачнина, но морам да признавам дека ние како ВМРО-ДПМНЕ уште пред две години алармиравме дека ова се случува на таа клиника. Ќе ве потсетам дека уште пред две години како ВМРО-ДПМНЕ излеговме и предупредивме дека ова им се случува на оние пациенти коишто наместо да добијат лекови, оставени се во милост и немилост да, за жал, умираат“, потенцираше Мицкоски и додаде:
„Затоа е потребна одговорност не само кривична, туку и политичка. И затоа ако има барем малку човечност кај луѓето во владата треба веднаш да си поднесат неотповикливи оставка и да може да излеземе пред граѓаните на брзи парламентарни избори. Тоа е она коешто најмалку треба да го поднесат. Не само кривична туку и политичка одговорност“.