Има даночни раеви во Македонија каде што ниту фискални сметки важат, ниту било какви законски одредби, а има и делови во градот Скопје каде може да платите со европска валута и да ви вратат кусур исто така со европска валута, изјави претседателот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На прес - конференција во Општина Новаци, Мицкоски рече дека солидарниот данок не е позитивен и негативно ќе влијае врз компаниите.

- Има даночни раеви во Македонија каде што ниту фискални сметки важат, ниту било какви законски одредби, а има и делови во градот Скопје каде може да платите со европска валута и да ви вратат кусур исто така со европска валута. Тоа се случува пред очите на органите на редот и никој ништо не им може. Има делови во Македонија со некаков паралелен систем. Тие се амнестирани и толерирани, а оние што редовно ги исполнуваат своите обврски, повторно се казнувани од владата. Целта на владата е да соберат што повеќе пари за да пред изборите, во тендери во четири очи, да договараат провизии, како што тоа го прават со еден објект каков што е РЕК Битола, нагласи Мицкоски.

Според Мицкоски, солидарниот данок нема позитивно да делува врз компаниите.

-Солидарниот данок апсолутно нема да биде позитивен, напротив тоа ќе ја зголеми фрустрацијата, недисциплината во исполнувањето на даночните обврски кај голем дел од компаниите. Со оваа политика, државата е мајка за некого, но не и за другите. Едните ги штити, а другите не ги штити. Ако не знаат кои се даночните раеви во Македонија, слободно нека ми се јават, јас ќе им кажам, порача Мицкоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/09/2023 03:44