Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски говорејќи за ситуацијата со Груевски во интервју за Алсат М истакна дека Груевски сега се прави дека ништо не знае, но има докази за оската со ДУИ и СДС, а воедно е добро и да се проговори за поделените УСБ и документи.
- Има некои луѓе и политичари кои секогаш се прават дека се отсутни од времето. И понекогаш се обидуваат поради својата голема фрустрација и самобендисаност да ги навредуваат останатите и тоа го прават на примитивен начин. Тоа што имав да го кажам за оската Али Ахмети, делови од структурата на СДС и Никола Груевски го кажав јасно и гласно. Кажав кои се причините зошто тоа го кажувам, изјави Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека тоа што го објавил се должи на една голема анализа, информации и многу докази кои веќе неколку месеци пристигнуваат и до него и до ВМРО-ДПМНЕ.
- Суштината е што е тоа што го натерало Груевски да оди на тие тајни средби во минатото и што е тоа што го натерало да влезе и биде дел од оваа оска која ја предводи Али Ахмети, структура од СДС и Никола Груевски. Што е тоа кое денеска толку го фрустрира и мора ги пишува тие статуси со многу омраза и гнев? Мојата порака е нека е жив и здрав и втората моја порака е „не им правете на луѓето тоа што не скаате луѓето вас да ви прават“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека кога сме кај доказите, напишал во неговиот единствен статус за писанијата на Груевски, а тоа е дека ќе дојде денот кога очи во очи ќе се гледаат и ќе зборуваат и за доказите и за се што се случуваше изминатите години.
- Кога зборувам за тајни средби го кажувам тоа што го кажа претседателот на ДУИ, Али Ахмети кој самиот кажа дека имале многу тајни средби со Никола Груевски и Зоран Заев. Потоа потрчаа двајцата да кажат дека не било така, а од ДУИ кажаа дека тоа не биле тајни средби туку средби за Пржинскиот процес, но не се сеќавам дека тогаш се разговараше за членот 353 став 5 или за останатите членови или за измените во Кривичниот законик. Можеби треба да им се освежи меморијата и за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Али Ахмети и Талат Џафери во 2022 година пролетта, што имаше во тоа УСБ и кои беа документите кои беа дел од тоа, нагласи Мицкоски.