Чест, и задоволство, ми е што ја имам можноста да ја отворам и оваа 32-ра Годишна конференција на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Годишна конференција која ги собира на едно место искрените патриоти, вистинските борци за правда, млади луѓе кои се подготвени да работат и дејствуваат, за Македонија да биде подобро место за живеење за секој еден млад човек.

Од независноста на Македонија па до денес, УМС докажува дека е многу повеќе од младинска и партиска организација. УМС е предвесник на долго очекуваната пролет, предвесник на промените, носечки столб на партијата која ќе ја ослободи Македонија и ќе ја врати власта во рацете на народот каде таа и припаѓа.

Унијата на млади сили е младина која од година во година ги докажува своите квалитети, младина која е непоколеблива кога во прашање е Македонија и младите, младина која од ден во ден се повеќе расте и организација која околу себе ги обединува сите млади кои се уморни од неправдите. Млади кои се подготвени да застанат и на оваа неспособна власт да и кажат – ДОСТА Е.

Доста е од криминал, непотизам и корупција. Доста е од задоволување на лични интереси и богатење врз грбот на народот..Доста е од кратењето на перспективи и можности за младите луѓе и доста е од егзодусот на младите од Македонија. Со години сме директни сведоци на неправдите кои ни се нанесувани, а во прво лице сведочиме како власта крати од нас, за да има за сопствените матни зделки, тендери во четири очи, криминални постапки кои го осиромашуваат македонскиот народ, а истовремено и ги распродаваат националните интереси и се’ она што е светост за нас. Само вчера објавивме информации според кои владата пренаменува стотици милиони денари од програмите и потпрограмите за основно и средно образование, пари за студентски и ученички домови, пари кои наместо во иднината, се инвестираат во тендери за уживање во уште некој ден поминат во владата.

Но деновите им се одбројани.

Од оваа говорница сакам да испратам јасна порака до оние кои се во фотељите и ја имаат окупирано владата. НИКОЈ, никогаш, не успеал да победи во битка против сопствениот народ. Никој не може да застане на патот на оној кој сака живот исполнет со достоинство и држава со која секој се гордее. Таква држава и таков живот посакуваме ние, а оваа влада работи само на идејата да ги сруши нашите соништа. Она кое најмногу ме плаши, но истовремено ме мотивира да продолжам да се борам, е дека политиките на владата целосно ја урнаа довербата во системот, и придонесоа многумина да ја мразат и да се срамат од сопствената држава. Нашата порака е и до сите кои ја изгубија надежта. Остана уште многу малку до моментот за промени, промени кои можеме да ги донесеме само доколку сме обединети и доколку издржиме уште малку, доколку ја искористиме својата енергија во вистинската насока, бидејќи иднината која ја посакуваме ни е на дофат. Иднина, која ја креираме самите ние во овие моменти, Иднина, сега, и со нас.

„Иднина сега и со нас“ е паролата која ќе придонесе во остварувањето на нашата цел.

Ова не е обичен предизборен или партиски слоган, туку една критична пресвртница во начинот на кој се воделе политики низ годините во Македонија. Иднина сега и со нас е крикот на секој млад човек и граѓанин на Македонија на кој му се здосади од слушање приказни за подобро утре од политичари кои зад зборовите за иднината и прогресот, 6 години водат само погубни политики за младите.

Иднина сега и со нас се однесува на овој конкретен момент, бидејќи дојде времето кога конечно треба да ја донесеме таа иднина и секој ќе може да ја види и почувствува. Само нашата одлучност, сплотеност и посветеност кон зацртаните цели, може да ја донесе иднината која сите ја посакуваме. Денеска, на македонскиот народ му порачуваме дека доаѓаат подобри денови. Денови во кои лажните ветувања на оваа власт ќе ги замениме со искреност и работа, денови во кои новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе докаже дека Македонија знае, може и заслужува многу повеќе и многу подобро. Новата влада која ќе ги исполни сите наши ветувања кои ќе донесат подобар младински стандард, повеќе услови за сопствен бизнис, мерки за вработување на младите, мерки за институционална поддршка на иновации и идеи, воведување современи технологии кои од Македонија ќе направат вистинска европска и развиена држава.

Затоа ве повикувам сите заеднички да ја рашириме пораката која денес ја испраќаме. Да го рашириме повикот за промена и правда кај нашите пријатели, роднини и познаници, да ги повикаме сите да се обединат зад идејата на ВМРО и перспективите за поубава Македонија кои ги нуди ВМРО-ДПМНЕ.

За крај драги браќа и сестри, да ни е вечна и вековита УМС на ВМРО-ДПМНЕ, да ни е вечно ВМРО-ДПМНЕ, а најважно од се е да ни е вечна Република Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2023 03:55