Кумановскиот градоначалник и идеен творец на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Максим Димитриевски вечерва изјави дека движењето идеолошки ќе се позиционира во центар кон лево, иако за одредени национални прашања, тој има десничарски ставови.
-Јас сум човек со патриотски чувства, се состанав заедно со свои истомисленици, сметам дека Македонија е загрозена како никогаш досега во однос на својот идентитет, а ако не постои идентитетот и јазикот, не постои ни државноста. Ние сме една од ретките држави на која се обидоа да и импутираат мултиетничка држава како уредување, а не мултиетничко општество, рече Димитриевски во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Димитриевски за себе вели дека се уште идеолошки се дефинира како социјалдемократ.
-Апсолутно – да, во однос на социјалните, економските и сите останати политики, јас сум социјалдемократ, но не либерален социјалдемократ, туку социјалдемократ кој дава еднакви права и можности, но првенствено доколку сакате да користите социјална или друга помош од државата, која е должна да ви обезбеди, ќе мора и да го заслужите тоа, рече тој.