„Прво ќе го кажам ставот на ВМРО-ДПМНЕ, ние сметаме дека се потребни двојни избори. Прво, затоа што во ваква една сериозна економска криза навистина е нерационално да се трошат двапати по десет милиони евра на два одделни изборни циклуси во моменти кога има пензионери кои што протестираат, немаме учебници во образование и нема доволно лекарства за ретки болести и сл.“, истакна Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија.

Милошоски додаде дека би било недомаќински да се потрошат толку многу пари.

„Втората причина е што кога имаме избори, имаме на некој начин на полупарализа на државниот систем, заради одредени застанати набавки, намалени услуги, одредени законски норми кои што самата изборна кампања ги наметнува. Институциите не се толку ефикасни колку што би требало да бидат. И ако имаме раздвоени избори едни во април, а други во средината на јуни, тогаш ќе имаме една полупарализирана држава од јануари до Илинден“, појасни Милошоски.

„Ако имаме заеднички избори тој период ќе биде скратен од периодот на јануари до условно кажано до мај“, рече тој.

Тој посочи дека третата причина зошто ВМРО-ДПМНЕ смета дека е потребно да има заеднички избори е ризикот да не се влезе во уставно политичка криза.

„Ќе ве потсетам на претходните претседателски избори, излезеноста беше 46%, но тие беа во 2019-та година. на пописот во 2021 година беше констатирано дека имаме намалување на резидентното население за 9,3%. А, сега сме 2023-та година и следува 2024-та, што значи дека процентот на резидентно население сигурно дополнително ќе се намалува заради два тренда. Едниот е слаба демографија во изминатава деценија - две, а вториот е иселувањето во последниве 6-7 години“, појасни Милошоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2023 04:39