Истражувачи од Универзитетот на Оукленд во Нов Зеланд откриваат дека татковците и мајките кои се склони кон непријателски сексизам и веруваат дека мажите треба да имаат моќ во семејството и општеството, се одликуваат и со понесоодветно внимание кон своите деца и престрог, авторитарен стил на воспитување. Научниот труд објавен вчера во Научното списание за социјална психологија и личноста (Social Psychological and Personality Science), е прв од ваков вид.

- Сексизмот со десетлетија е познат како особина којашто предвидува негативно однесување кон жените - од дискриминација до насилство, изјави главниот и одговорен научник, Никола Оверол.

Родовата нееднаквост останува светски проблем што се манифестира во многу различни сфери на меѓучовечките односи. Непријателскиот сексизам, велат, се однесува пред сѐ на уверувањето дека жените се закана за општествената моќ на мажите. Тоа води до дискриминација на работното место, опредметување и сексуално вознемирување, како и насилство врз жените.

Покрај сѐ тоа, може да влијае и на воспитувањето на децата.

За целите на испитувањата, научниците го набљудувале семејството како групи, проценувајќи го степенот на родителска реакција, вклучувајќи љубов, топлина, посветеност, одговор на барањата на децата и почитување на нивната независност. Според ова проучување, помалку одговорните родители - и мајките и татковците се одликувале со „повисоки нивоа на непријателски сексизам“. Тоа потврди дека штетното влијание од сексистичките ставови на мажите може да укажуваат и на полошо родителство воопшто.

- Сепак, откритието дека мајките кои го прифаќаат непријателскиот сексизам (кон жените, з.п.) се склони да бидат помалку обѕирни и поневнимателни родители - е неочекувано. Можеби овие мајки го следат водството на таткото во семејните односи, што резултира со помала вклученост во родителството (за мајката), вели Оверол.

Истражувачите забележуваат дека одговорното родителство е клучно за здравиот развој на децата, а недостатокот од соодветно внимание може да доведе до проблеми во однесувањето, емоционални тешкотии и пониски академски достигнувања. Следно, научниците сакаат да откријат зошто жените продолжуваат да прифаќаат сексистички ставови и покрај штетата што ја предизвикуваат и врз самите себе и врз децата



Автор: Администратор
Објавено на: 18/10/2023 20:45